Македонско наивно сликарство
Васко Ристовски
Наивната уметност е автономна и постои независно од точно одредените закони и стилови на уметничкото образование и е одвоена од надворешното влијание. Последица на тоа е широкиот спектар на ликовни решенија. Во наивното сликарство нема правило, тоа се открива дури по завршувањето на творбата. Наивецот не сака да биде подучуван, туку тој твори со својата огромна нескротена фантазија и обликува нов автентичен приказ со нови законитости и форми на естетика.
Васко Ристовски остварува висока ликовна вредност со неговиот интерес и амбиција да се создаде дело во кое интелектуално успева да ни ја прикаже радоста на живеењето, неговата имагинација, симболичност, фантастика и реалност. Интересно е тоа што тој, инспириран од Питер Бројгел и Ханс Мемлинг, успева да го восприеми знаењето на Фламанците во сите негови сфери: композиција која изобилува со динамика, нарација, колорит, мистика, но и силна карактерност на сликаните ликови за кои времето и мислата течат на приказот. Него му успева да наслика приказна, комбинирајќи низа сцени во една единствена композиција. Кај Ристовски веќе ја препознаваме неговата поетика преточена во наива која е автентична и веќе дифинирана на македонската ликовна сцена. Личен поглед кон Васко: скромен по својот лик, но амбициозен во делото и работата, финалето го затвора со комплетна целина без импровизации. Првиот контакт со него и неговите дела ме импресионираa, не само поради егзактноста на делата, туку и неговата отвореност и пристапност како его и човек.
Многумина сликари не можат да се пофалат со овој атрибут. Како колега на Васко Ристовски му посакувам уште многу авантури во областа на наивниот израз.
Горјан Ѓорѓиев
Васко Ристовски е сликар на наивата од Македонија. Тој е роден 1967 година во Скопје, Република Македонија. Дипломира на земјоделскиот факултет при Универзитетот “Свети Кирил и Методиj” во Скопје, во 1991 година. Со сликарство се занимава од 1995 година. Работи масло на стакло. Како сликар на наивата, речиси единствен во Македонија, се занимава повеќе од 20 години (од 1994 година)
Самостојни изложби
Издавач: Васко Ристовски
Текст: Горјан Ѓорѓиев
Дизајн: Александар Наумоски