Музеј на Македонија Logo

Историјат

Историјат

Музеј на Македонија

 

  • Кратка хронологија

Изградбата на комплексот на Музеи на Македонија е резултат на идејата за здружување на трите музејски установи – Историскиот музеј (формиран во 1952 г.), Етнолошкиот музеј (формиран во 1949 г.) и Археолошкиот музеј (формиран во 1949 г.), во единствена национална установа која ќе ја презентира културата на македонскиот народ.[1] Ваквата идеја е вградена во Програмата за изградба на објекти од областа на културата за периодот 1963-1970, со цел да се подобри состојбата во која се наоѓаат музејските установи по земјотресот од 1963 г. [2] Програмата предвидува изградба на нова зграда на Музејот на Македонија која во себе ќе ги опфати Историскиот, Етнолошкиот и Археолошкиот музеј, како и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Новиот музејски комплекс се предвидува да располага со површина од околу 10.000 м2.

Изградбата на Музејот на Македонија започнува со симболично поставување на камен темелник, на 12.11.1971 г., а градбата е свечено предадена во употреба на 13.11.1976 г. Објектот е отворен со поставување на неколку привремени тематски поставки, а по свеченото отворање се планираат уште четири години дополнителна работа со цел изложбените простории да се оспособат за постојаните поставки.

 

  • Одговор на урбаниот контекст:

Музејот на Македонија е сместен во комплексниот контекст на Старата скопска чаршија, во најнепосредна близина на Куршумли ан и Ѓурчилер (Шенѓул) амам кој е делумно срушен во земјотресот.[3]

Локацијата на Музејот од запад е ограничена со улицата „Прохор Пчињски“, од југ и југозапад со улиците „Опинчарска“ и „Свеќарска“, додека кон исток и север се отвара со широко плато кон Куршумли ан. Објектот е слободностоечки, поставен асиметрично во однос на локацијата и повлечен кон сртот на ридот (северната падина на Калето).

Овој простор е комплетно ослободен од сообраќај, а единствениот колски пристап е до паркингот од ул. „Прохор Пчињски“.

Влезовите во објектот се ориентирани кон централното плато.

 

  • Просторно-волуменска структура

Во однос на интерполацијата на просторно-волуменска струкотура, изградбата на музејскиот комплекс поставува сложена архитектонско-урбанистичка задача – во крајно специфичната историска даденост, сочинета, од една страна, од ситната структура на живиот организам на Чаршијата, а од друга, од монументалните историски градби, да се вметне волумен кој во себе ќе содржи обемна програма.

Одговор на ваквото барање претставува раздвижената просторна конфигурација, која во обид да се контекстуализира со околните маси е поделена на повеќе повторливи волумени. Благодарение на расчленетоста и ниската, доминантно хоризонтална диспозиција на градбата, посетителот нема впечаток за нејзината вистинска големина.

Во приземјето може да се препознаат неколку функционални делови со различна големина; на катот, масата е артикулирана во еднакви просторни единици – бели, дијагонално и скалесто поставени призми со димензии 15х15 м. Големите, конзолни триаголни испусти над засечените и вовлечени простори на приземјето му даваат посебен интензитет на просторот. Во ритамот на масите дополнителна улога игра и кровната партија, која се надоврзува на живописниот сплет на кровови и куполи во чаршијата.

Во најсеверниот дел на комплексот, во едноставен правоаголен волумен е сместен објектот на Републичкиот завод за заштита.

 

  • Програмска дистрибуција

Основната цел на музејот претставува прибирање, средување, чување на историски, етнолошки и археолошки материјали, нивно научно истражување, презентација и едукација. Сложената програма на музејот се протега на 14.500 м2 бруто развиена површина, од која речиси една половина (над 6.500 м2) е изложбениот простор на трите музеја. Оригиналниот концепт на изложбените простори е да формираат единствен, континуиран внатрешен простор со јасна и логична комуникација. Идејата зад ваквата организација е посетителот да се запознае со македонската историја од праисторијата речиси до денес, преку различните материјали организирани во тематски збирки: камена пластика, нумизматика, оружје, документи, носии, килими, уметнички творби итн. Покрај изложбениот простор, објектот располага и со сала за проекции, фотолабораторија, посебни лаборатории, работилници за заштита и конзервација, библиотека итн.

Управниот дел (сместен во влезниот тракт на музејот) е заеднички за трите музеи.

Депоата на музеите, гаражите и лабораториите се сместени во подрумските простори, на површина од околу 5.000 м2.

На источната и северната страна, објектот формира широко плато, денивелирано и партерно уредено, преку кое остварува врска со нивото на кое се наоѓа Куршумли ан. На овој начин уредениот партер ги обединува културните институции и отвора можност да функционира како археолошки парк на отворено и простор кој повремено би се користел за разни културни настани.

 

  • Структура, материјалност, обликување

Конструктивно, објектот е решен со јасен армиранобетонски скелетен систем, на одредени позиции дополнет со логично поставени армиранобетонски платна. Кај целата композиција доминираат строгите геометриски облици.

Третманот и обликувањето на масите, од материјален аспект се разликува на долното и горното ниво.

Во долната зона, полните делови на објектот главно се работени во натур бетон со вертикални жлебови и стилизиран орнамент кој излегува од површината. На одредени позиции како завршна обработка се појавува и фасадна тула; засечените и вовлечените делови од призмите се целосно застаклени.

Во горната зона доминира ритамот на бели, дијагонално и скалесто поставени призми, обложени со бела камена буња кои завршуваат со двоводни кровови (дијагонално на квадратните полиња). Рустичната површина на фасадното платно не е континуирана, туку поделена на осум вертикални полиња со тесен простор помеѓу нив. Во аглите на призмите, на допирот на двете фасадни површини се оставени тесни ленти стакло. Тие во внатрешниот простор пропуштаат светлина, но многу поважно врамуваат кадри од контекстот кои ги внесуваат во музејскиот простор – улица, калдрма, кровови, куполи.

 

Автори на проектот: Мимоза Томиќ, Кирил Муратовски

Текстот е извадок од докторската дисертација на арх. Ана Ивановска Дескова, вонр. проф. на Архитектонскиот факултет во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Ивановска Дескова, Ана. Архитектурата од периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Докторска дисертација (необјавена), Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Архитектонски факултет, Скопје, 2015

 

[1] Од ваквата идеја уште на почеток се изоставени Природонаучниот музеј и Музејот на македонската средновековна уметност за кои се предвидува да се обезбеди засебен простор.

[2] Објектите на музеите и Републичкиот завод се срушени во земјотресот и оттогаш истите функционираат во градби од времен карактер, без сали за изложување и без соодветни услови за работа.

[3] Поширокиот културен контекст на објектот го чинат: историското ткиво на Чаршијата, црквата „Св. Спас“, Мустафа пашината џамија и средновековната тврдина Кале, како и новоизградените објекти на Театарот на народностите (на Бит-пазар) и Музејот на современа уметност (на Кале).