Музеј на Македонија Logo

Етнологија

Етнологија

Собирањето на етнографски предмети во Македонија е започнато уште во 1920 година, кога беа собрани неколку збирки на Филозофскиот факултет во Скопје, кои служеа како наставни алатки за учениците. Во 1925 година е формиран комплексен музеј, вклучувајќи го и етнографскиот оддел. Во текот на Втората светска војна овој оддел продолжи со своите активности во тогашниот Национален музеј на Македонија, заедно со археолошкото одделение. Во 1949 година, етнолошкото одделение стана посебна институција – Етнолошки музеј на Македонија. Од 1977 година, Етнолошкиот музеј продолжува да работи во рамките на Музеите на Македонија - археолошки, етнолошки и историски.

Од своето основање, мисијата на Етнолошкиот музеј е прибирање, проучување зачувување и промовирање на етнолошкото културно наследство на нашата земја, а преку негово изложување, објавување и организирање на едукативни активности да биде достапно за јавноста.

Музејот денес располага со околу 19.000 етнолошки предмети, кои хронолошки датираат од периодот од 10. до 20. век.

Збирки во одделението за етнологија:

  1. НАРОДНИ НОСИИ
  2. НАРОДНИ ТКАЕНИЦИ
  3. МЕТАЛНИ ПОКУЌНИНСКИ ПРЕДМЕТИ, МЕТАЛОПРЕРАБОТУВАЧКИ ЗАНАЕТИ И АЛАТИ
  4. НАРОДЕН НАКИТ И ЗАНАЕТИ
  5. ДРВЕНИ ПОКУЌНИНСКИ ПРЕДМЕТИ, ДРВОДЕЛСКИ ЗАНАЕТИ И АЛАТИ
  6. НАРОДНО СТОПАНСТВО
  7. ГРНЧАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА
  8. НАРОДНИ МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ И НАРОДНИ ОБИЧАИ
  9. НАРОДНА АРХИТЕКТУРА
  10. ТРАДИЦИОНАЛНА КУЛТУРА НА ЕТНИЧКИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Збирка народни носии

Збирката народни носии е најмногубројната и најразновидната текстилна музејска збирка во НУ Музеј на Македонија. Ја сочинуваат 8623 поединечни текстилни предмети, со постојано збогатување и надополнување. Се состои од поединечни делови од носии и везови од цела Македонија. Во најголем број ја сочинуваат облеки од македонското население, но голем е бројот на облеки и од другите етникуми, Албанци, Турци, Власи, Роми. Во постојаната етнолошка поставка се изложени 87 комплетни народни носии и покарактеристични поединечни. Предметите, воглавно, се од крајот на 19. и почетокот на 20. век.

Народните носии на Македонија се најкарактеристичниот белег на културата на живеење на овие простори. Тие се врв во текстилното творештво, со многубројни сочувани напластени траги од минатото: старобалкански, старословенски, византиски, турско ориентални и западноевропски. До средината на 20. век биле присутни повеќе од 70 различни народни носии. Воглавно ги изработувалe жените, а само понекои облеки се изработувале кај одредени селски занаетчии полупрофесионалци (абаџии, терзии). Мажите учествувале во правењето опинци од нештавена свинска или говедска кожа за целата фамилија. Производите што служеле за дополнување на облеката, како накит, позамантерија, увозни ткаенини, оружје и др., се купувале од градот.

Во градовите, во најголем дел, населението носело иста облека како во селските средини. Процесот на трансформација на носијата одел мошне бавно. Најпрво започнале да се прифаќаат понекои облеки од турско ориенталниот стил на облекување ала турка. После Првата светска војна промените се интезивираат, а во македонските  градови сѐ повеќе доминира европскиот стил на облекување ала франга. Прифаќањето на промените не одело насекаде истовремено, туку се одвивало доста бавно и со различен интезитет, така што дури кон крајот на 50- 60-70-тите години на 20. век ќе се воспостави еднолична слика во облекувањето на релацијата село-град.

ГОРАН КОСТАДИНОВ (КУСТОС) И ГОРДАНЧЕ ВИДИНИЌ (КУСТОС СОВЕТНИК)

Народни ткаеници

Покуќнинските, домашно изработените ткаеници се важен дел од опремата на традиционалната селска и градска куќа во Македонија. Освен практичната намена, некои од нив се користеле и во обредите, но служеле и како украс во домовите. Збирката располага со ткаеници од сите краишта на Македонија, од средината на XIX  до втората половина на XX  век.

Најрепрезентативни примероци се богато орнаментираните килими  за постилање на градските одаи и селските килимчиња за коњ и покривање, користени во свадбените обичаи. Значајна е и збирката на архаичните валани постилки и покривачи за спиење на под. Голем дел од збирката ја сочинуваат селските перници, торби, пелени и крпи со разни намени, незаменливи во секојдневниот живот. Во градските куќи се користеле чаршафи, јоргани, прекривки за кревет и маси, пердиња и везени крпи по углед на турските и западноевропските обрасци.

Речиси сите ткаеници се изработени од домашна преѓа од волна, козина, лен, коноп, памук и свила, исткаени на хоризонтален разбој, во лита и четворна техника, со некои дополнителни украсни техники. Ткаенините за секојдневна практична намена најчесто се еднобојни или украсени со  риги, додека украсните и обредните ткаенини  имаат  богат колорит и орнаментика во која доминираат геометриски мотиви како и растителни, животински и човечки претстави изведени во геометриска стилизација.

ЈАСЕМИН НАЗИМ (КУСТОС СОВЕТНИК) И ФИМА ТРАЈКОВСКА (КУСТОС СОВЕТНИК)

Метални покуќнински предмети, металопреработувачки занаети и алати

Од бројните занаети кои ги сочинувале чаршиите низ нашите градови, казанџискиот бил еден од покарактеристичните, и временски и просторно, еден од најзастапените  металопреработувачки занаети. Во секој град имало по два или три дуќани, а во поголемите занаетчиски центри и цели улици во кои биле лоцирани овие занаетчиски дуќани. Прилеп, Битола, Струмица, Штип и Скопје биле најзначајите казанџиски центри. Занаетот спаѓа во еден од постарите занаети што на овие простори се развиле со доаѓањето на Османлиите. За тоа сведочи и пописниот документ од 1454 година, а кој се однесува на Скопје, што воедно е и најстариот пишан документ во балканските земји во кој се споменува казанџискиот занает. Во највисокиот свој подем казанџиите изработувале и по  70 предмети и садови од бакар со различна намена. Тоа биле предмети за домашна употреба (ѓумови, ибрици, котлиња, саани, тепсии, синии, сефер-таси), за лична хигиена (легени, амам-таси, амам-казани), за религиозна намена (кршталници, кандила, свеќници), за трговско-занаетчиска и друга намена (казани за ракија, казани за билки, таси за кантари, кутии). Техниката со која се изработувале предметите била главно со чукање и исчукување, за што биле користени бројни чекани со различна големина. За украсување главно се користела техника на гравирање, релјефно исчукување и режење.

За тоа колкаво било значењето на занаетот, односно на употребата на бакарните предмети во минатото, укажува и фактот што, според бројот и квалитетот на бакарните садови, можела да се определи и статусната состојба на една покуќнина. Бакарните садови биле симбол на трајност и на благосостојба, затоа се давале во мираз и биле меѓу ретките движни предмети што се предавале во наследство. 

Во постојаната етнолошка поставка казанџискиот занает е претставен со работилница на отворен дел и со репрезентативни примероци на бакарни садови поставени во витрина.

ДАРКО КРЖОВСКИ (ВИШ КУСТОС) И ЕЛИЗАБЕТА КОНЕСКА (КУСТОС СОВЕТНИК)

Народен накит и занаети

Кувенџиството е еден од постарите металопреработувачки занаети, особено ценето поради уметничките вредности на своите производи, за кои е потребен долготраен и сложен процес со многу прецизна изработка. Најмасовен производ на овој занает е разновидниот женски накит, кој бил составен дел на селската и градската носија во Македонија. Кувенџиите изработувале и машки употребни и украсни предмети како ќустеци, табакери и цигарлаци, оружје и оружарска опрема, амајлии и други предмети за домашна и лична употреба, како и црковен ентериер. Најмногу се користело среброто, позлатеното сребро, златото, бронзата и месингот. Кувенџиите во Македонија користеле најразлични техники во изработката на предметите. Основни биле техниките на ковење, леење, пресување и филигран. Филигранот во сребро и злато, поради скапоценоста на материјалот и сложената изработка, најчесто е застапен во градскиот накит. За доработка на предметите се користеле и други техники, како, на пример:  ниело, тауширање, цизелирање, полирање, гравирање, инкрустрација и др.

Техниките на обработка и украсување, како и орнаментиката, укажуваат на бројните влијанија од исток и од запад, кои преплетувајќи се меѓусебно создаваат јасно препознатливи локални белези, со типични производи на познатите кувенџиски центри во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид и Крушево.

ЈОВАН ШУРБАНОСКИ (ВИШ КУСТОС) И МИЛЕНА ПЕТРОВИЌ (КУСТОС СОВЕТНИК)

Дрвени покуќнински предмети, дрводелски занаети и алати

Музејската збирка ,,Дрвени покуќнински предмети, дрводелски алатки и занаети“ е интегрален дел од фондот музејски збирки и предмети на НУ Музеј на Македонија. Предметите, според функцијата, може да се класифицираат во неколку групи и тоа: предмети за приготвување, чување, консумирање и носење на храна и пијалаци; предмети за обработка на дрво; предмети за обработка на волна, лен, коноп, памук, свила  и  изработка на текстилни производи и селски и луксузен градски мебел каде најзначајно место заземаат ковчезите за чување на облека. Поголем дел се чуваат во одделното музејско депо на збирката, а помал дел (најрепрезентативните предмети) се сместени во Постојаната етнолошка музејска поставка - дел од изложбениот музејски простор. Можат да се видат во два внатрешни амбиента: едноделна селска куќа со отворено огниште каде се презентирани покуќнински предмети и момент од домашен живот, амбиент на соба од селска куќа со покуќнински предмети и амбиент на градска куќа – свечено уредена гостинска соба од 19. век со резбани надвратници, закосен таван и долап. Во истиот контекст е презентиран и комплет на луксузен градски мебел (маса и столици од масивно оревово дрво – уметничка изработка, по потекло од градот Охрид, датирана од втората половина на 19. век). Во продолжение е претставен целокупниот технолошки процес на домашна изработка на текстилни производи, почнувајќи со предмети за обработка на текстилни суровини, алати за изработка на текстилни материјали (од волна, лен, коноп, памук и свила), па сѐ до алати за изработка на финален текстилен производ, со што е заокружен основниот содржинско - тематски концепт  на збирката.

М-Р СЛАВЈАН ЃОРЃИЕВ (КУСТОС)

Народно стопанство

Земјоделството во Македонија претставува најзначајна традиционална стопанска дејност, во која со обработката и користењето на почвата се произведуваат производи од растително и животинско потекло. Во минатото, земјоделството било примитивно-екстензивно. Знаењата за обработка на почвата и за одгледување на растенијата биле засновани врз старите традиции, во кои биле застапени разни обичаи, обреди и магиски постапки, со цел да се обезбеди добар род преку годината и здравје на луѓето и добитокот кои учествувале во работата. Земјоделската опрема се состоела од дрвени алатки и прибор, кои ги изработувале самите земјоделци, со исклучок на металните алатки и металните делови на приборот кои биле ковачка или фабричка изработка. Основни земјоделски алатки биле: мотика, копач, рало, брана, срп, коса, вила, гребло, дикел, косир и други.

Денес, во земјоделството се применува современа земјоделска опрема, но и дел од традиционалните земјоделски алатки и прибор. Земјоделството е поделено на четири земјоделски гранки: полјоделство, лозарство, овоштарство и сточарство.

Полјоделството е најзначајна традиционална земјоделска гранка во Македонија, бидејќи подразбира одгледување на оранични култури (жита-пченица, 'рж, јачмен, овес, просо, пченка и ориз, градинарски, индустриски и крмни растенија), од исклучително значење за исхраната на луѓето и добитокот. Одгледувањето житни култури (освен пченката) опфаќа четири сегменти: подобрување на плодноста на почвата, сеење, жнеење и вршење со веење на жито.

Подобрување на плодноста на нивите се врши на два начина: со ѓубрење и угарење. Нивите претежно се ѓубрат со говедско, овчо или коњско ѓубре, почесто на есен, кога се завршени полските работи и кога времето ќе залади. Секоја нива се угари пред сеење или садење. Постојат два начини на угарење: со почесто орање на нивата до пролетната, односно есенската сеидба и со прележување на нивата до другата година, т.е. до пролет или есен.

Нивите се засејуваат во есен и пролет. На есен се сее пченица, 'рж и јачмен, под рало, односно житното семе се сее на нива, потоа нивата се ора и посеаното семе се покрива со брана. На пролет се сее овес, под брана, односно нивата се ора, потоа житното семе се сее на нива и посеаното семе се покрива со брана.

При жнеење жито на нива, жетварите се распоредуваат фронтално. Житото кое при жнеењето со срп жетварот го зафаќа со една рака се вика ракатка. Десет ракатки сочинуваат еден полог, а пет полози-еден сноп. Еден од жетварите-врзувач, ги обвива сноповите со по една јажица од 'ржана слама, а со дрвено колче-вител, ги стега јажиците и на секој сноп прави јазол. На нива, сноповите се редат во крстини или во стогови.

Жито се врши со говеда или коњи, при што јаремот т.е. оглавот, со дрвена кука и јаже се поврзува со стожерот во гумното. При вршење, житото се превртува со дрвена вила, при што се добива крупна и ситна слама. Сламата се трга настрана со дрвено гребло, а потоа житото се превртува неколку пати со дрвена лопата. Житото се вее два пати. Со првото веење житните зрна се одделуваат од крупната плева, а со второто веење-од ситната плева. Се вее со дрвена лопата со која житото се фрла у горе, на дофат на ветерот, кој ја одделува плевата од зрната. Житото се складира во амбар или во плетени кошеви.

Градинарството е дел од полјоделството, чијашто дејност се состои во одгледување на разни видови едногодишни и повеќегодишни зеленчукови култури. Градинарските култури се одгледуваат со расад или со директна сеидба на нива (на отворено) и во заштитени површини. Во градинарството се употребуваат следните алатки и прибор кои се изложени во етнолошката поставка: копач, мотика и мотиче за копање, гребло за кршење почвени грутки и колче за садење градинарски расад.

Во Македонија се одгледуваат повеќе индустриски полјоделски култури: тутун, афион, сончоглед, шеќерна репа, сусам, кикиритки, индустриски пипер и др. Во етнолошката поставка се изложени алатки за одгледување на афион: ноже-режалка за режење афионски чушки, ноже-бералка за собирање катран од афионски чушки и лимена чаша за складирање катран.

Крмните полјоделски растенија (детелина, луцерка, граор, крмна пченка, добиточен грашок, добиточна репа) се одгледуваат заради производство на добиточна храна. Крмите се користат како свежи, суви и преработени. Сламата од овршеното жито и сеното од искосената трева се користат како сува крма, главно во зимскиот период од годината. Сламата и сеното се главна храна на говедата, а сеното-на овците и козите. Во етнолошката поставка се изложени алатки кои се користат при косењето трева: коса за косење и прибор за острење коса (камен, наковална и чеканче за клепање коса).

Лозарството е земјоделска гранка, чијашто дејност се состои во одгледување на лозови насади и производство на трпезно и винско грозје. Винското грозје се преработува во гроздов сок-шира, вино, ракија и оцет. Во етнолошката постојана поставка се изложени алатки за одгледување лозови насади (ашов, мотика и дикел за копање лозје, садило за садење лози и сор за кроење лози) и садови за преработка и чување на грозје (плетен кош за берење грозје, дрвена крбла за гмечење гроздови и дрвени буриња за чување ракија и вино).

Овоштарството е земјоделска гранка, чијашто дејност се состои во одгледување на родни овошки и производство на овошје. Во Македонија се одгледуваат континентални и медитерански овошки. Во етнолошката постојана поставка се изложени алатки, прибор и садови за одгледување овошни насади: мотика за копање, ножици за кроење овошки, дофаќалка-чепарашка за берење јаболка, кука за чукање костени, кошница за берење овошје и кош за чување овошје.

Сточарството е земјоделска гранка, чија дејност е одгледување на домашни животни и нивно стопанско  искористување. Сточарите со стадата овци престојуваат во летни и зимски сточарски населби. Основни градби  во една сточарска населба се: бачило (мандра), колиба, трло, слон, појата, страга, поило, солило, говедарник и кочина. Бачилото и колибата се наменети за сточарите, а останатите објекти-за ситниот и крупниот добиток. Бачилото е поделено на два дела: во првиот дел, каде се отвореното огниште со казанот, креветите и садовите за брашно и сол, престојуваат сточарите, а во вториот дел, каде се преработува млекото во млечни производи, се сместени качиња, бутини, ведра, чинии, котлиња и др. Целокупниот инвентар во бачилото е изложен во етнолошката поставка.

Во етнолошката поставка се изложени средства, алатки и прибор кои се користат во рибарството (чунови, мрежи, ости, прибор за плетење мрежи, рибарски макети), справи и прибор кои се користат во пчеларството (букаре, кошница, сандак, пуфка, центрифуга) и прибор за лов (стапици).

СУЗАНА АНДОВСКА (КУСТОС) И БОРЕ НЕДЕЛКОВСКИ (КУСТОС СОВЕТНИК)

Грнчарството во Македонија

Грнчарството до крајот на 50 тите години од 20. век заземало значајно место во секојдневниот живот на населението како во градовите така и во селата не само во Македонија туку и кај соседните народи на Балканот. Изработката и користењето на грнчарските производи во текот на повеќе илјади години, сведочи за фактот колку грнчарските производи биле неопходни во секојдневието на човекот низ историјата. Една од основните одлики на нашето народно традиционално грнчарство е дека напоредно со современата грнчарска техника на ножно грчарско коло, распространета по цела Европа, во некои заборавени рурални предели речиси до неодамна се одржала и техниката на рачна изработка на садови и помошни средства, без грнчарско коло. Тоа се садовите кои спаѓаат во групата на таканаречената "женска керамика", кои се изработуваат традиционално исклучиво од страна на жените, под строго утврдени обредни правила: црепна, вршник, попци, питуличарка и др.

Македонија, земја крстосница помеѓу истокот и западот, на чие тло се сочувани трагови од најразлични култури, во народното традиционално грнчарство како и во останатите гранки на народното творештво, претрпува низ текот на вековите различни влијанија, кои како чинители придонесувале за развој на богатството на форми и техники на изработка. Изработката на грнчарските предмети претставува една од најстарите човечки умеења кај нас, за што сведочат многубројни археолошки наоди, почнувајки од неолитот, (преку сочуваните праисториски форми, застапени пред се кај керамиката изработена без грнчарско колце - со слободно обликување со раце), влијанијата на класичните култури, старобалканските и старословенските културни елементи, византијската и ориенталната традиција. Градови кај кои према расположивите археолошки извори, нитката на изработка на керамички садови е непрекината почнувајки од праисторијата па се до антиката и средниот век, се Скопје и Прилеп. Особено Прилеп кој во средниот век представува регионален грнчарски центар, познат по изработкита на садовите за вода - стомните.

Грнчарството во овие предели од римскиот период се смета дека оставило свое влијание и врз техниките и формата на садовите на Словените кои се доселиле на Балканот. Некои понови студии за овој предмет откриваат ширење на "римското" влијание на занаетчиските активности (рачно колце, грнчарски печки и др.) на просторот кој го населиле Словени, иако нивното грнчарство и пред доселувањето не било толку "примитивно", за што сведочат повеќе артефакти. Така на пример, утврдено е дека старите Словени за изработка на садови употребувале мешавина на масна глина и фин песок или сомелени видови на калцит (тоа непобитно го докажуваат речиси истите словенски називи до денес познати за тој додаток на глината во различни пространсва населени од Словените - Руски dversta, dresva, Полски zarstva, Хрв.-Срп. (d)vrsta.- кои веќе од дамнина се целосно одвоени народи). Имено, Словените на Балканскиот Полуостров прифатиле многу елементи од животот и културата на затекнатите народи, меѓу кои и во грнчарството, кое се усовршува под влијание на римската односно византијската керамика. Во овој период кој се означува и како словенско византијски значајни се наодите на ископани фрагменти на словенски црепни и кујнска керамика. За грнчарството во византијскиот период црпиме податоци од археолошките локалитети од подрачјата на Прилеп, Скопје, Штип и други места каде што предметите по намената варираат од кујнска керамика, грниња, амфороидни садови и бардаци, биконични садови, питоси па се до византијски чинии украсени во стилот на цариградските и солунски работилници. Орнаментацијата е со зооморфни и флорални мотиви (преовладува бршленов лист) изведена во техника зграфито и сликање.

За средновековното грнчарство црпиме информации од Хрисовулите на Стефан Дечански и Цар Душан и од други пишани документи). Првите податоци за грнчарите во Македонија од овој период се наоѓаат во повелбите на владетелите каде што се споменуваат во пописите на занетчиите каде што заедно со селата и имањата им се доделуваат на поедини манастири. Ликовните извори преку фреските во манастирите и црквите од средновековна Македонија представуваат истотака извориште на информации за историјатот на грнчарството. Предмети од керамика се појавуваат на фреските, особено на оние изработени во првата деценија од 15. век, кога во класичното византијско сликарство се негувал реалистичен опис на амбиентот. Со доаѓањето на Османлиите на Балканот грнчарството останува претежно во рацете на христијанското население. Единствено се променил називот за занаетот, согласно официјалниот турски јазик, бидејки грнчарите биле нарекувани чумлекчии. Она што може да се забележи како влијание во формата кај керамиката изработувана во овој период кај нас е чанаккалската керамика која била изработувана во Чанаккале, Турција. Препознатлива е по садовите за вода со издолжен врат и широк изливник, заоблен краток мев и типична долгнавеста извиена и извртена рачка, вретенасто изведена.

Влијанијата најповеќе се забележуваат во грнчарските изработки кај вранештич­ките мајстори, потоа во ресенската, велешката, скопската (со село Драчево) и беровската керамика.    Погледот на нашето керамичко наследство ни открива разновидност на локални форми и техники. Така, дебарските садови се масивни и тешки и дишат со монументалност, додека пак велешките се познати по крондирите слични на чанаккалските и садовите со барокни форми. Со наслојувањето на овие елементи, кои се прилагодувани на домашните производни можности или ликовни сфаќања, создадени се дела кои по стилот и духот го дефинираат македонското грнчарство.

Грнчарството е застапено во оние краишта во Македонија каде што има квалитетна грнчарска земја, а тоа се најчесто места расположени по речните долини или по старите езерски котлини што се богати со наноси од убава земја- глина. Најзначајни грнчарски центри во минатото биле: Скопје со с. Драчево, Велес, Ресен, Струга, Дебар, с. Блаце (Тетовско), Прилеп, с. Вранешница (Кичевско), с. Габровци (Радовишко), Струмица и Берово.

Во Македонија, според последните сознанија, денес творат околу триесетина грнчари. Во село Злетово - општина Пробиштип има два, Куманово два, во Велес еден, Неготино два, Кавадарци еден и Струмица еден грнчар, Ресен еден, додека во цела Западна Македонија единствено во селото Вранештица работат околу 12 грнчари, кои живеат исклучиво од занаетот. Затоа селото Вранештица ја претставува последната оаза на грнчарството во Македонија.

М-Р ГОРДАН НИКОЛОВ (ВИШ КУСТОС)

Народни музички инструменти и народни обичаи

За обредите

Обредите се значаен дел од традиционаланата култура на Македонците. Тие се изведуваат во текот на целата година. Оние кои се поврзани со календарот  поделени се во две главни групи, зимски и летни, а оние кои се поврзани со животниот циклус на човекот се делат на обреди при раѓање, свадба и смрт.

Учеството во обредот е напор на заедницата со заеднички активности да ги осигура позитивните дејства на светите сили, односно да обезбеди благосостојба. Но, обредот, исто така, претставува силна манифестација на припадност на заедницата кон една заедничка територија и манифестација на групното единство. Во последно време токму оваа функција на обредите, односно општествената функција, е сѐ позначајна карактеристика. Со учество во обредите, поединците и фамилиите ја изразуваат својата лојалност кон заедницата кон која припаѓаат, а од друга страна, на тој начин, заедницата ја манифестира својата хомогеност.

Во постојаната етнолошка поставка во Музејот на Македонија се претставени обредите поврзани со празниците Коледе, Бадник, Василица, Водици и Велигден, а од животниот циклус на човекот е претставена селската свадба.

За народните музички инструменти

Народните музички инструменти се неизоставен дел од културата на Македонците. Присутни се во животот на човекот од неговото раѓање, па сѐ до неговата смрт. Нема обред во кој активно учество не земале народните музички инструменти. Се употребувале при изведувањето на полските работи и седенките. Со еден збор, може да се каже дека народните музички инструменти биле дел од секојдневието.

Народните музички инструменти ги изработуваат мајстори-градители на музички инструменти, но и самите свирачи.

Во постојаната етнолошка поставка во Музејот на Македонија, народните музички инструменти се претставени со општо прифатената класификација на инструментите во четири групи и тоа: идиофони (колотарци и ѕвонци),  мембранофони (тапани, дајриња и тарабуки), кордофони (тамбури, примови и гусли) и аерофони (зурли, шупелки, кавали и гајди).

Д-Р ВЛАДИМИР БОЦЕВ (КУСТОС СОВЕТНИК)

Народна архитектура

 

Изложбениот дел Народна архитектура во постојаната етнолошка поставка во НУ Музеј на Македонија-Скопје ја отсликува вековната градителска традиција на македонскиот народ. Во неа е претставен само дел од градителското и архитектонското народно богатство кое се акумулирало низ времето и својот врв го достигнало во традиционалните градби од 19. и почетокот на 20. век. Изложбениот дел Народна архитектура е составен од два сегмента. Првиот сегмент се состои од 12 макети на различни типови куќи од Македонија и тоа:

  • Куќа, наниско-поземечка, Скопска Блатија
  • Куќа со приземје и кат, нависоко, с. Ново Село, Скопска Блатија
  • Куќа, бачилница, с. Нова Брезница, Горни Села
  • Едноделна куќа од камен, с. Нежилово, Азот
  • Приземна едноделна куќа со стопански двор, с. Блаце, Скопска Блатија
  • Мијачка селска куќа, Западна Македонија
  • Куќа чардаклија со двор, с. Горњани, Скопска Црна Гора
  • Градска улица од 19. век, Охрид
  • Градски куќи со дворно место, почеток на19. век
  • Градски куќи со дворно место, почеток на 20. век
  • Градска куќа од 19. век, Западна Македонија
  • Дуќан од градска чаршија

Вториот сегмент е составен од 4 соби-одаји и тоа:

  • Селска соба куќа со огниште поставено на средина од собата
  • Селска соба куќа со огниште поставено во еден од ѕидовите
  • Селска соба одаја
  • Градска гостинска соба одаја (охридска куќа)

Изложбениот дел Народна архитектура прави обид на еден интерактивен и сликовит начин да ја претстави генезата на развојот на македонската куќа. Почнувајќи од приземните куќи (земјанки, поземечки), градени од камен или од испреплетени дрвени прачки (плет), облепувани со смеса од кал и слама (лепеш) и покривани со ‘ржана слама или камени плочи, во кои огништето било поставено на средина од собата, а во горниот дел продолжувало во баџа низ која излегувал чадот, па преку просторно побогатите и структурно поразвиените куќи на еден или на два ката, градени од поголеми камени блокови во приземјето, кои давале цврста темелна основа, а катовите биле градени од лесна динамична дрвена скелетна конструкција наречена бондрук, која овозможувала градба во височина, па сѐдо пософистицираните куќи наречени чардаклии.

ГОРАН ПАВЛОВСКИ (КУСТОС)