Музејот на Македонија е најголемата и најстарата институција од овој вид во РС Македонија, која има исклучително значајна улога во прибавувањето, чувањето, проучувањето, заштитата и презентирањето на македонското културно наследство. Музејот претставува сложена организација составена од повеќе оддели׃ Историски, Етнолошки, Историја на уметност, Конзерваторска лабораторија и Одделение за едукација
Во 1991 година, во тогашниот комплекс „Музеи на Македонија“ бил оформен и Одделот за уметност, а го формирале уметничките збирки кои содржат предмети како икони, фрески, декоративна пластика, реликвијари, крстови, крстилници, книги, кадилници и современи ликовни дела.
Одделот за Историја на уметност се состои од 7 збирки на музејски материјал и предмети׃
Овие збирки обработуваат музејски материјал од византискиот период, доцниот среден век, XVIII, XIX и XX век. Предметите се собирани од средината на минатиот век, па сè до денес. Дел од нив се прибирани преку откуп, а поголемиот дел преку заштитни истражувања од црквите и манастирите во Македонија.
Збирката „Исламска уметност“ содржи 21(дваесет и еден) арапски ракопис.
Дел од нив се пишувани рачно, а дел се печатени. Содржат илуминации и позлата. Повеќето се со религиозна содржина. Од 2012 година до денес, подлежат на конзервација која се реализира во НУБ „Св. Климент Охридски“. Ракописите датираат од XV до почетокот на XX век. Османологот Драги Ѓорѓиев има направено превод со основни податоци за секој ракопис поединечно.
Татјана Канчевска, виш кустос tanjakance@gmail.com
Колекцијата содржи фрагменти од средновековната камена архитектонска декорација, коишто хронолошки му припаѓаат на времето од XII до XV век. Тематски и стилски, овие декоративни елементи се својствени за византиската традиција на применета декоративна пластика и ја илустрираат уметничката инвентивност и духовноста на времето во кое се создавани. Станува збор за остатоци од скулпторни олтарни прегради, портали, капители и крстилници што се украсени со растителни, зооморфни и геометриски мотиви, а некои поседуваат и значајни епиграфски натписи. Најбројна групација во збирката претставуваат фрагментите од црквата „Св. Архангели“ од Призрен од 1348/52 година. Поголем фрагмент од портал од непозната црква од средновековно Скопје, мермерните крстилници од Марков манастир од 1393 година и „Св. Прохор Пчински“ од 1483 година, надгробната плоча од Марија Палеологова од 1355 година, делумно сочуван мермерен иконостас од црквата „Св. Атанасиј“ од Лешок итн.
Борче Топуковски, виш кустос, borcetopukovski@gmail.com
Оваа збирка се состои од двa дела׃ Оригинални и фрески копии.
Во делот Оригинални фрески, има 80 целини и фрагменти од македонското фрескосликарство и потекнуваат претежно од заштитни истражувања на Музејот. Фреските се изведени во техника темпера на малтер од XI – XIX век и потекнуваат од повеќе цркви меѓу кои׃ „Пресвета Богородица“, Матејче; „Св. Никола“, Новаци; „Св. Тројца“ - село Чучер, Скопје; „Св. Никола“ - село Новаци, Тетово; коплексот „Водоча“; „Св. Ѓорѓи“, Полошки манастир итн.
Како едни од најрепрезентативните примери можат да се издвојат фреските од црквата „Св. Леонтиј“ во Водоча, кои потекнуваат од првата половина на XI век. Тоа се две монументални претстави на двајца ѓакони Исавриос и Евплос.
Фески копии
Делот фрески копии е создаван од самиот почеток на музејската дејност и е најголема збирка во Македонија. Таа претставува специфичен вид документирање на средновековното ѕидно сликарство и припаѓа на видот уметнички музејски предмети. Со оваа збирка трајно се зачувани нашите антологиски сцени од забот на времето. Копистите ги извеле во техника темпера на платно, во истите димензии и колорит идентични на оригиналните во црквите. Копираните сцени се со иконографско, ликовно, историско и културно значење. Станува збор за сцени од Стариот и Новиот завет, за црковни поглавари, просветители, локални светители, ктиторски композиции, сцени од житија и поетски илустрации. Преку копиите хронолошки се следи развојот на ѕидното сликарство во Македонија од IX до XVIII век.
Марија Петковска, кустос, marijajp07@gmail.com
Колекцијата на икони во Музејот на РС Македонија е една од најбројните од овој вид во државата. Содржи повеќе од 500 икони и резба во дрво, најтипични и репрезентативни примероци од византискиот и поствизантскиот период, почнувајќи од XIV век па сѐ до средината на XX век. Такви примери се иконите: Исус Христос Спасител и Животодавец (1394 год.) насликана од митрополитот Јован и Св. Богородица Пелагонитиса (1422 год.) насликана од неговиот брат,монахот Макариј, икони кои припаѓале на иконостасот во прилепскиот манастир Зрзе.
Од поствизантискиот период постои група на дела (1535 год.) кои потекнуваат од
манастирот Слепче во Демир Хисар, сликани во ателјето на зографот Јован од Грамоста во Костур.
Колекцијата исто така содржи и репрезентативни примероци од иконостасни крстови од XVI век,како што се крстот од Слепчанскиот манастир насликан во ателјето на зографот Онуфриј од Аргос и крстот од Полошкиот манастир (1584 год.).
Има голем број на икони од анонимни зографи кои потекнуваат од Нерези, Охрид,
Курбиново, Струга и други области; икони од манастирот Лесново во Злетово (1626 год.); тематска реткост кај иконите од овој период е претставата за последните Давидови псалми како што е примерот на иконата од манастирот Св. Архангели во Кучевиште. Иконите од XVIII век се претставени со дела на анонимни мајстори, но и со икони од ателјеата на познати иконописци како Давид од Селеница или браќата Константин и Атанас, зографи од Корча.
Најзначајните икони од почетокот на XIX век се оние на зографите јереј Петар, Крсте од Велес, Крсте Поп Трајановиќ,монахот Антониј од Битола и други. Највпечатливо лице од средината на векот е зографот Димитар Крстевич-Дичо од Тресонче. Зачуван е скромен број на примероци од популарната графичка уметност од поранешниот црковен музеј (XVII и XVIII). Во колекцијата се чуваат и примероци од антимиси, најстариот датира од 1780 година, а најновиот од 1915 година.
м-р Татјана Трајковиќ, кустос, tatjanatrajkovic@yahoo.com
Оваа збирка се состои од литургиски и декоративни предмети од метал, дрво и текстил. Можеме да издвоиме неколку позначајни׃ целосно зачуван метален полиелеј од црквата во Псача, Крива Паланка, од XIV век; фрагменти од полиелеи и кадилници, од истиот период од Марков манастир, Скопје. Постојат бројни сребрени плочи за икони и кадилници, главно од доцниот среден век, како што е кадилницата од манастирот „Св. Прохор Пчински“. Интересен пример за уметничка обработка на текстилот се двете свештенички одежди од втората половина на XVIII век од Бигорскиот манастир.
Во рамките на оваа збирка е колекцијата на сликарката Кераца Висулчева (1910-2003), која како наследство ѝ ја остави на Македонија. Колекцијата се состои од повеќе од 400 дела во масло, пастел, акварел, јаглен, молив и глина, направени во почетокот на 40-тите години од нејзиниот живот. Темите се различни и опфаќаат портрети, пејзажи, бањи, актови итн. Нејзиниот стил е со влијанија од францускиот импресионизам и експресионизам, академскиот реализам во Минхен, со стремеж до современиот модернистички концепт.
Во сарајот на Нијази бег во Ресен, денешен Дом на културата „ Драги Тозија“, се наоѓа спомен-собата на сликарката Кераца Висулчева. Изложени се дел од сликите и цртежите од нејзиното творештво, како и фотографии, лични предмети, медали, одликувања и пофалници кои уметницата ги добила во разни европски држави. Тука е и нејзината последна слика, портретот на поранешниот претседател, Киро Глигоров.