Идејата за создавање на посебен Историски музеј на Македонија се појавила веднаш по ослободувањето и формирањето на македонската држава, додека нејзината реализација се одвивала постепено и во период од неколку години. Еден од првите чекори во овој правец претставува поставувањето на изложбата „НОВ на Македонија“, на 11 октомври 1948 година, на седумгодишнината од почетокот на Антифашистичкото востание. На изложбата, поставена во просториите на тогашната Уметничка галерија во Скопје, за прв пат пред пошироката јавност биле презентирани историски предмети, документи, фотографии, сведоштва и останати материјали, кои се однесувале на штотуку завршената народноослободителна војна. Собраните експонати претставувале основа за креирање на првата постојана историска поставка. Оваа поставка била свечено отворена на 22 ноември 1951 година, во зградата на подоцнежниот Дом на пионери на улица „Илинденска“ во Скопје. Со тоа практично е отворен и новиот „Музеј на Народноослободителната борба на Македонија“. Истиот е официјално основан со Уредба на Владата на тогашна Народна Република Македонија од 24 јуни 1952 година, објавена во „Службен весник на НРМ“ од 1 јули истата година. Во текот на подготовките за неговото отворање биле собрани повеќе од 6000 документи и над 800 фотографии.
Уште во текот на подготовките се планирало „Музејот на НОБ“ постепено да се проширува со нови оддели, со што би прераснал во Историски музеј на Македонија. Во текот на 1953 година започнале забрзани подготовки за создавање на концепт, истражување и собирање материјали поврзани со национално-револуционерното движење од илинденскиот период. Активностите се одвивале во склоп на одбележувањето на големиот јубилеј - 50 години од почетокот на Илинденското востание. На 2 август 1953 година, во реконструираните простории на поранешната касарна на тврдината Кале свечено било отворено одделението за Национално-револуционерниот период. Истовремено, во македонскиот павилјон во Белград била отворена изложбата „Илинден 1903-1953“. Овие активности претставувале заокружување на процесот за оформување на Историскиот музеј на Македонија.
Музејот, на почетокот, како свој дом ја користел старата зграда на поранешната воена касарна на Кале, која требала да прерасне во трајна музејска зграда. Овие планови биле трајно нарушени со катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година, во кој старата зграда претрпела тешки оштетувања. Истовремено, под урнатините останале мноштво значајни историски предмети, кои биле грижливо собирани во претходниот период.
По земјотресот, Музејот повеќе години работел во привремени простории и во многу тешки услови. Во овој период, музејските работници биле принудени својата работа да ја извршуваат од една монтажна барака. Тие успеале од под урнатините да спасат и да заштитат дел од вредните предмети што ги поседувале. Истовремено, и покрај лошите услови, продолжиле со истражувачката работа и собирањето нови материјали. Спасените предмети биле собрани во импровизирани шатори, а подоцна еден период се чувале и во црквата „Свети Спас“. Музејот, својата видливост во тоа време ја остварувал главно преку организирање на чести подвижни изложби во чест на одбележувањето на значајни настани и годишнини. Дел од овие изложби биле организирани и во другите градови низ Републиката.
Ова се променило во 1976 година, кога била изградена новата музејска зграда во Старата скопска чаршија, непосредно до Куршумли Ан. Освен Историскиот музеј, во новиот современ објект биле сместени и Археолошкиот и Етнолошкиот музеј. Од овој период започнува и поблиското поврзување меѓу трите музеи, најпрво како СОЗТ – Музеи на Македонија, а подоцна, по 1984 година, и во единствена работна организација - Музеј на Македонија. Со тоа Историскиот музеј го губи статусот на посебна организациона единица и започнува да функционира како Историски оддел во составот на Музејот на Македонија.
Ваквата состојба се задржува и по промената на политичкиот систем и осамостојувањето на Републиката од југословенската федерација, во почетокот на 90-тите години од минатиот век. Денес, историскиот оддел претставува составен дел од Националната установа „Музеј на РС Македонија - Скопје“, која како матична институција се грижи за зачувување, заштита и презентација на музејскиот материјал и предметите од историското, етнолошкото и уметничкото наследство на Македонија. Одделот за историја, кој е непосредно надлежен за чувањето, заштитата и презентирањето на историското културно наследство, во моментов се состои од 8 збирки во кои е сместен богат историски материјал од значење за историјата на Македонија, македонскиот народ и останатите етнички заедници. Збирките и материјалите се однесуваат на периодот почнувајќи од доселувањето на Словените на овие простори, т.е. словенско-византискиот период 6-14 век, преку османлиското наследство, културната преродба, национално-револуционерниот период од крајот на 19 и почетокот на 20 век, периодот меѓу двете светски војни, Народно-ослободителната војна 1941-1945 година, завршувајќи со годините на повоената обнова и изградба на Македонија, како и делот кој се донесува на физичката култура и спортот.
Националната установа Музеј на РС Македонија располага со голем број историски музејски предмети, скулптури, уметнички слики, фотографии и друг материјал, кои сведочат за некои од најважните настани во бурната македонска историја.
ЗБИРКИ:
Најзначајните настани во овој период се претставени хронолошки, почнувајќи од доаѓањето на Словените, нивното прифаќање на христијанството, создавањето на словенската азбука, создавањето на средновековната држава на царот Самуил, бунтовите против Византија, паѓањето под српското владеење и воспоставувањето на индивидуални феуди.
Збирката содржи голем број предмети. Двесте од нив се тридимензионални предмети, како што се: средновековни монети на византиски и српски владетели, прстени, щипки, стрели и копја, различни алатки. Важно е да се спомене и мечот „волчјак“ и копијата од Самуиловата плоча со натпис од крајот на X век, кој е најстар кириличен текст на Балканот.
Збирката предмети од османлискиот период е составена од повеќе од 500 предмети. Тие датираат од XIV век, кога Османлиите дојдоа на Балканот, до почетокот на XX век, односно до Илинденското востание во 1903 година. Повеќето од нив се фотографии со портрети и цртежи на султани, разни објекти, бањи, дервишки теќиња, хареми, сараи и некои пејзажи од различни предели.
Збирката има повеќе од 200 монети. Бакарните монети се најинтересни за нумизматичарите.
Најрепрезентативни се оружјето и воената опрема на османлиската војска. Оваа збирка содржи околу 200 парчиња на ладно и огнено оружје (наџаци, мечеви, јатагани, мали пиштоли - кубури, пиштоли со фитил, капислари и пиштоли за полнење со барут).
Најинтересен дел со отоманското оружје е неговата обработка и декорација. Декорациите му даваат посебна убавина на оружјето. Покрај датумот на обработка и делови од Куранот, оружјето најчесто е украсувано со арабески и вегетативни орнаменти, украсени со скапоцени и полускапоцени камења, бисери, слонова коска, украсени со корали, злато и сребро.
Кон крајот на 18. и во првите децении на 19. век започнува процесот на национално будење на македонскиот народ. Овој период го означува првиот чекор кон преродбата, кој се изразува преку стремежот за сопствено писмо и јазик, но и преку постепеното оформување на националната свест. Во тој контекст се појавува и првата генерација преродбеници: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски, кои преку своите дела на народен јазик го поставуваат темелот на идната книжевна традиција.
Паралелно со ширењето на словенската просвета во Македонија, се отвора и прашањето за изборот на литературен јазик. Целта била да се оттурне грчкиот јазик од училиштата, но се поставило прашањето на кој јазик ќе се изведува наставата и ќе се пишуваат учебниците? Наспроти силните грчки и бугарски влијанија, се појавува стремеж за создавање сопствени, македонски учебници и училишта, што претставува важен чекор кон културна самостојност. Така, во периодот од 1857 до 1875 година биле издадени околу 15 учебници.
Со засилувањето на културните процеси, во втората половина на 19. век, значително се развива и книжевната дејност во Македонија. Карактеристичен е засилениот интерес за народната литература, фолклорот и обичаите, бидејќи во нив најсилно се изразува народниот дух и колективната меморија. Во овој период се собираат и запишуваат народни песни, приказни и поговорки, со што се зачувува културното наследство. Најистакнати претставници од овој период се: Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Кузман Шапкарев, Ѓорѓи Пулевски, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Димитар и Константин Миладинови, Марко Цепенков, Јанаки Стезов и други.
Во завршницата на 19. век се забележува опаѓање на литературната активност во Македонија, при што повторно се отвора прашањето за литературниот јазик. Во 1892 година, ова прашање било покренато преку списанието „Лоза“, издавано во Софија, но набргу било забрането. Во 1902 година, во Петроград било основано Македонското научно-литературно друштво „Свети Климент“, чии основачи биле Крсте П. Мисирков, Димитар Чуповски, Дијамантија Т. Мишајков, Стефан Ј. Дедов, д-р Гаврил Константинович и други. Во 1913 година, дејноста продолжува под името „Македонска колонија“, а воедно започнува и издавањето на весникот „Македонски глас“, преку кој се промовираат националните и културните идеи
Развојот на драмската уметност во Македонија добива континуитет преку надоврзување на традицијата воспоставена од Џинот. Традицијата на драмското творештво, започната од него, достојно ја продолжува Војдан Чернодрински, кој своите дела ги посветува на тешката и крвава историја на Македонија, внесувајќи силен патриотски и општествен ангажман во театарот.
Во рамките на оваа епоха, посебно место зазема Крсте Петков Мисирков како нејзин најзначаен претставник. Тој се смета за основоположник на современиот македонски литературен јазик и на македонската научна мисла. Со своите ставови за стандардизација на јазикот и за националната самобитност, тој дава јасна насока за понатамошниот културен и национален развој, при што не е само производ на преродбенската идеологија, туку и нејзин активен творец и афирматор.
Анета Попантоска, виш кустос, aneta.popantoska@gmail.com
Збирката Национално револуционерно движење во својата содржина има разнородни предмети кои се поврзуваат со македонското револуционерно и национално-ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век (ајдутството, Разловечкото и Кресненското востание, Македонската револуционерна организација, Илинденското востание, Балканските и Првата светска војна...). Во збирката се чува оружје и воена опрема, печати, знамиња, документи, битови и други предмети најчесто поврзани со некои од историските личности или настани, историски фотографии, разгледници и др. Меѓу автентичните и уникатни предмети се среќават печатот на Началникот на Штабот на Македонското (Кресненско) востание од 1878 година, знамето на Друштвото „Илинден“ од Софија (друштво на ветерани од Илинденското востание), пресата за изработување на фалсификувани монети за потребите на Македонската револуционерна организација пред Илинденското востание, бастуните со бодеж, користени од македонските револуционер Христо Узунов и Костадин Кирков и др.
Мирјана Нинчовска, кустос советник, mnincovska@yahoo.com
Збирката содржи околу 1000 предмети, фотографии, документи кои зборуваат за времето кога Македонија беше поделена помеѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија и будењето на националната свест преку формирање на различни општества: партиски, спортски, културни и образовни. Учесниците беа прогресивни млади луѓе и студенти кои подоцна, за време на Втората светска војна, ги жртвуваа своите животи за ослободување од фашизмот и создавање држава на македонскиот народ. Некои од нив беа: Коле Неделковски, Кузман Јосифовски, Коста Рацин, Страшо Пинџур, Борко Талески, Никола Вапцаров, Лазо Трповски, Боро Менков и многу други познати и помалку познати борци за слобода.
Историскиот оддел има колекција од околу 80 оригинални уметнички дела: слики, скулптури и карикатури на истакнати македонски автори, како што се Лазар Личеноски, Димитар Пандиловски, Љубомир Белогаски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Борко Лазески, Вангел Наумовски, Василие Поповиќ - Цицо , Родољуб Анастасов и други.
Колекцијата, исто така, има и поштенски марки, значки, стари пари, знамиња итн.
Илија Цурев, Виш кустос curev.ilija@gmail.com, Раководител на одделение за Историја
Збирката „Народно-ослободителна борба во Македонија“ претставува една од најстарите историски збирки во Музејот. Собирањето на историски материјал и документација кој ќе сведочи за периодот на Втората светска војна, во Македонија позната уште и како Народноослободителна војна (1941-1944 година), започнало веднаш по ослободувањето на земјата и формирањето на државноста. На 11 октомври 1948 година, била отворена првата изложба посветена на „НОВ на Македонија“. Собраниот музејски материјал, презентиран на изложбата, претставувал основа за креирање на првата историска поставка во новиот „Музеј на Народноослободителната борба на Македонија“, свечено отворен на 22 декември 1951 година. Во наредните години, овој Музеј прераснал во „Историски музеј на Македонија“, кој, како Историски оддел, денес е составен дел од НУ „Музеј на Република Северна Македонија - Скопје“.
Збирката располага со повеќе од 1000 музејски предмети и неколку илјади фотографии кои зборуваат за народно-ослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ и останатите етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, во текот на Втората светска војна. Збирката главно опфаќа: оружје (пушки, пиштоли, автомати, борбени ножеви, итн.), муниција (бомби, куршуми), техничка опрема (радиоприемници, фотоапарати, телефони, двогледи и сл.), облека и друга воена опрема (панталони, кошули, чизми, офицерска облека, торби, ранци, шлемови, итн.), санитетски материјал, знамиња и печати од партизанските единици, медали, плакети, како и мноштво хартиена документација, која сведочи за партизанската борба и за формирањето на првата држава, Демократска Федеративна Македонија. Како дел од оваа збирка се наоѓаат и бројни фотографии, предмети, документи и сведоштва кои се однесуваат на учеството на Македонците од егејскиот дел на Македонија (делот од Македонија кој се наоѓа во составот на Република Грција) во Народноослободителната војна (1941-1945 година) и во Граѓанската војна во Грција (1946-1949 година).
Здравко Стојкоски, кустос zdrstojkoski@gmail.com
Како дел од постојаната историска поставка на НУ Музеј на Македонија е и поставката која се однесува на музејската збирка „ Македонија по втората светска војна “.
Оваа збирка претставува еден живописен историски наратив, кој визуелно преку музејските предмети се фокусира на општествениот, политичкитот, економскиот, културниот живот во Македонија во рамките на југословенската федерација, во периодот од конституирањето на Р. Македонија, непосредно по Втората светска војна во 1945 година, па сѐ до нејзиното осамостојување во 1991 година. Музејските предмети од оваа збирка, како наратори на еден мошне значаен период од современата историја на македонскиот народ и македонската државност, се клучни сведоци за овој авторитетен период во кој главниот акцент е поставен на улогата и задачите на работничката класа, олицетворена преку единствената тогашна политичка партија, како главен носач на целокупната општествено – политичка, економска, културна интеракција во државата, како и за работничките самоуправни форми на организација и делување кои од своја страна биле клучен супстрат на социјалистичката „демократија“ и нејзините општествено - политички односи на функционирање. Во збирката овој период е поделен на четири дела:
1. Воспоставување на социјалистички систем и економијa
Целокупното општествено, економско и политичко миље во овој дел, почнувајќи од конституирање на највисоките органи на власт (АСНОМ и првата влада на НРМ), преку внатрешната колонизација и индустријализацијата, како и планираната екомонска политка се претставени преку фотографии, цртежи, слики, знамиња, грбови, постери, плакати, документи, првиот Устав од 1946, ударнички книшки, бригадни лични карти, работнички книшки, книшки издадени од тогашните министерства, привремени членски карти, потврди за користење привилегии во угостителството, контролни картони за пријавување на времено безработни лица, даночни книшки и итн.
2. Културно - просветна дејност во НРМ/СРМ
Борба против неписменоста и изградба на претшколски установи, основни училишта, средни училишта, факултети, театри, претставени преку првиот буквар од 1946, првиот правопис на македонскиот јазик од 1946, фотографии од училишта, факултети, театри, флаери, каталози и итн.
3. Политичко милје во НРМ/СРМ
Тогашни општествено – политички организации ( НФМ, НРМ, СКЈ/СКМ, СЗБНМ, НМЈ, АММ,УСАОЈ), како и борбата на одредени политички неистомисленици за демократизација на целокупниот општествено-политички систем во државата кој бил раководен од ЦК на КПЈ/КПМ/СКЈ/СКМ, претставени преку членски книшки, членски карти, влезници и легитимации за учество на конгреси, фотографии од конгреси, значки и итн.
4. Распаѓање на СФРЈ и независност на РМ
Овој дел го опфаќа периодот од смртта на Јосип Броз Тито (1980) и почетокот на крајот на СФРЈ, како и нејзиниот распад (1990/1991) и независноста на Република Македонија, претставен преку фотографии, декларацијата за наезависност, референдумот, новот устав, првите пари и итн.
Виш кустос, Боро Бунтески, bunteboro@gmail.com
Збирката за физичка култура и спорт го опфаќа периодот на појава на модерните спортски дисциплини во Македонија, почетокот на 20. век (периодот по Младотурската револуција 1908 г.) па до денес.
Во самата збирка застапени се голем дел на фотографии, документи, предмети кои говорат за развојот на физичката култура и спортот. Во периодот на меѓу двете светски војни доминира фудбалот како сеприфатен спорт и гимнастичките друштва-соколи. Во после военото време доаѓа до развој на сите спортски дисциплини.
Во самата збирка како фондови би се издвоиле фондовите на основоположниците на атлетиката и на маратонското трчање во Македонија, Мемо Сулејманов и на маратонското пливање (жени) Атина Бојаџи.