Проектот Етнолошко истражување на Шопската етничка област во Македонија е одобрен и финансиран од страна на Министерството за култура на Република Македонија за 2018 г. Проектот беше предвиден да се реализира во 3 фази, при што во 2012 г. беше реализирана првата фаза од истражувањето во етничкиот предел Кривопаланечко, во 2014 година беше реализирана втората фаза од истражувањето во етничкиот предел Пијанец, а во 2018 година беше реализирана третата фаза од истражувањето во етничкиот подпредел Радовишки Шоплук кој е во состав на етничкиот предел Радовишко. Теренското истражување беше реализирано во период од 11.09. до 16.09.2018 година, при што беа посетени селата Штурово, Козбунар и Шипковица. Во истражувањето беа вклучени 5 етнолози од Одделението за етнологија при НУ Музеј на Македонија-Скопје
Етничкиот подпредел Радовишки Шоплук се наоѓа на западниот дел од планината Плачковица и ги опфаќа селата: Козбунар, Шипковица, Ново Село, Шаин Таш, Штурово и Вртешка. Населението од овие села во најголем број се иселило во градот Радовиш и во с. Ораовица, како и во селата Злеово и Тополница каде до 1960 година живееле Турци кои трајно се иселиле во Турција.
Етнолошкото истражување се одвиваше во неколку теми: народно стопанство, народна архитектура, метална покуќнина, пчеларство, народни носии и народен накит.