Музеј на Македонија Logo

11 Октомври - Ден на востанието на Македонија

11 Октомври - Ден на востанието на Македонија

11 Октомври - Ден на востанието на Македонија во Втората светска војна. На овој ден, во 1941 година, група од 15 прилепски партизани, по претходни подготовки, извршиле вооружен напад на полициската станица (участакот), затворот и телекомуникациската мрежа во градот Прилеп. Следниот ден, вооружени акции биле забележани и во кумановскиот регион. Со овие први поголеми плански организирани акции започна народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ и останатите народности од Вардарска Македонија, во Втората светска војна. По тригодишен партизански отпор против Силите на оската предводени од нацистичка Германија и поднесени над дваесет илјади жртви, војната резултираше со протерување на фашистичките војски, ослободување на земјата и формирање на современата македонска држава, најпрво во ликот на Демократска Федеративна Македонија, во составот на федерална Југославија.

Датумот 11 октомври, за прв пат, е прогласен за народен празник со законот донесен од страна на Президиумот на Народното собрание на Федерална Македонија, од 8 септември 1945 година. Во февруари 1948 година, Собранието на Народна Република Македонија донесува нов закон според кој 11 Октомври се прогласува за државен празник. Ваквата одлука е потврдена и со сите подоцнежни законски измени кои го регулираат одбележувањето на државните празници во Републиката.

Секоја година празникот пригодно се одбележува со свечена програма, посебно во градовите првоборци, Прилеп и Куманово. Kако дел од празнувањето, во Прилеп се организира и импровизиран напад на градот. Во чест на Денот на востанието, традиционално се доделува и државната награда „11 Октомври“, највисоко признание за животно дело кое се доделува на лица заслужни за развојот на науката, уметноста, стопанството и други дејности од јавен интерес во РС Македонија.

На фотографијатата - Пушка Маузер М1924, кал. 7,9 мм, произведена во Кралството СХС. Пушката му припаѓала на Драган Спиркоски - Максо, член на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ и учесник во нападот од 11 октомври 1941 година. (Дел од колекцијата на Музејот на РС Македонија).