Музеј на Македонија Logo

13 Ноември - Ден на ослободувањето на Скопје!

13 Ноември - Ден на ослободувањето на Скопје!

На денешен ден, 13 ноември 1944 година, Градскиот народноослободителен одбор на Скопје (ГНОО), формиран како дел од системот на Народноослободителни одбори, според одлуките на Президиумот на АСНОМ, ги издал првите мерки со кои била воспоставена цивилната управа во скоро ослободеното Скопје.

Во ноќта на 13 ноември и во утринските часови на 14 ноември, последните германски нацистички единици, припадници на Армиската група „Е“, кои претходно го држеле градот, се повлекле на север кон Косово, а еден дел се предале. Во градот навлегле македонските воени единици предводени од политичкото и военото раководство на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Со тоа и ефективно Скопје станал главен град на новата република, Демократска Федеративна Македонија, во составот на федерална Југославија.

Ослободувањето на градот следело по неколкудневни крвави борби кои се воделе на периферијата и во самиот град. Во борбите учествувале единиците на НОВ на Македонија, заедно со диверзантските групи и граѓаните од самиот град. Активна улога имале и дел од единиците на бугарската армија, која, по превратот од 9 септември 1944 година, се приклучила на антихитлеровската коалиција и била вклучена во протерувањето на нацистичките сили од овие простори. Во завршните операции за ослободување на Скопје, загинале повеќе од 400 македонски борци и цивили.

13 Ноември - Ден на ослободувањето на Скопје!

Кустос Здравко Стојкоски