Денот 2 август (20 јули, според стариот календар), православната црква го посветила на старозаветниот пророк и чудотворец, светецот Илија. Во Македонија, веќе 82 години, овој датум се одбележува како национален празник, во чест на „двата Илиндена“. На Илинден 1903 година, Македонската револуционерна организација го подигнала долго планираното востание против османлиските власти, со цел создавање слободна и автономна Македонија. Посветеноста и саможртвата на илинденците во тоа време не ги дале посакуваните резултати, а востанието на крајот било крваво задушено. Како највисок дострел на оваа епопеја се смета ослободувањето на градот Крушево и десетдневната слобода под народната Влада, позната уште и како Крушевска република. И покрај неуспехот, идеалите на Илинденското востание останале водечка инспирација на народот во Македонија во годините кои следувале. Во текот на Втората светска војна, македонските партизани се придружиле на силите на антифашистичката коалиција во борбата за своето конечно ослободување и создавање на еден подобар и поправеден свет. По тригодишен решителен отпор против новите окупатори, предводени од нацистичка Германија, се создале поволни услови за свикување на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). Како датум за неговото одржување бил определен 2 август. На „вториот Илинден“, во манастирот Св. отец Прохор Пчински, присутните делегати донесле одлука за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија. Покрај оваа, биле донесен и други државотворни одлуки со кои се поставени основите на новата Демократска Федеративна Македонија, во составот на федерална Југославија. Според една од одлуките на АСНОМ, 2 август - Илинден е прогласен за народен и државен празник на македонската држава.
Илинден останува трајно врежан во македонската културна традиција и секоја година свечено се одбележува со масовни народни собири.