На денешен ден, 8 септември 1991 година, се одржа Референдумот за независност, на кој граѓаните на Република Македонија се изјаснија на прашањето: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден Сојуз на суверените држави на Југославија?“. На гласањето излегоа 75,74% од граѓаните со право на глас, од кои 96,46% гласаа ЗА. Со тоа, Републиката ја прогласи својата самостојност од југословенската федерација.
Референдумот беше одржан во услови на забрзана дезинтеграција на поранешната социјалистичка заедница и реална опасност од избивање на воени судири во земјата. Неуспешниот исход од преговорите за идниот статус и односите во Федерација, ги принуди дел од републиките меѓу кои и Македонија, да се повикаат на правото на самоопределување, вклучително и на отцепување. Истовремено, во тие пресвртни моменти, не се отфрла во целост ни можноста од постигнување на договор и идно заедничко живеење, што се содржи во вториот дел од референдумското прашање. Сепак, избивањето на првите воени судири во Словенија и нивното прелевање во Хрватска и Босна и Херцеговина, ваквата опција ја направија неостварлива.
Повикувајќи се на резултатите од референдумското изјаснување, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 17 септември 1991 година, донесе Декларација со која се констатира плебисцитарно изразената волја на граѓаните, по што започна процесот на мирно раздружување и преземањето на надлежностите од сојузно југословенско ниво, на републичко ниво. Дополнително, референдумската одлука го отвори патот за меѓународното признавање на новата независна држава и нејзиното интегрирање во меѓународните институции, вклучително и во Обединетите нации (ОН).
Честит 8 септември - Ден на независноста на РС Македонија!
-------------
Легенда за фотографијата: Плакат за гласање на референдумот од 8 септември 1991 година.