24 Октомври е Ден на Обединетите нации. На овој ден, во 1945 година, стапува во сила Повелбата на Обединетите нации, со што официјално започнува со работа Организацијата на Обединетите Нации (ООН). ООН претставува највисока меѓународна организација, основана по крајот на Втората светска војна, со цел да придонесува за одржување на мирот и безбедноста во светот, да се грижи за заштита на човековите права, меѓународната соработка и подобрувањето на животот на луѓето од целиот свет.
Во почетокот, Повелбата била потпишана од 51 земја - основачи на Организацијата, меѓу кои и поранешна Југославија. По распадот на Федерацијата, како една од земјите наследнички, Република Македонија официјално е примена за полноправна членка на ООН на 8 април 1993 година, под името поранешна Југословенска Република Македонија. Со тоа е заокружено меѓународното признавање на земјата, како дел од светското семејство на народите.
Денес ООН вклучува 193 земји членки и се состои од бројни тела, органи, агенции и фондови. Меѓу нив се издвојуваат: Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), Светската здравствена организација (СЗО), Агенцијата за заштита на децата (УНИЦЕФ), Организацијата за образование, наука и култура (УНЕСКО) и многу други. Како Организација која произлегува од повоениот светски поредок, во денешниот несигурен и променлив свет ООН се соочува со бројни кризи и предизвици. Истовремено, таа претставува единственото место каде може да се соберат сите нации од светот, да разговараат за заедничките проблеми и да изнаоѓаат решенија во корист на целокупното човештво и на планетата Земја.
Постер од Втората светска војна со цитат од првиот ред на преамбулата на Повелбата на ООН: „Ние, народите на Обединетите нации“.