Музеј на Македонија Logo

Фотографии од отворањето на изложбата „Кузман Јосифоски - Питу - живот во слики“

Фотографии од отворањето на изложбата „Кузман Јосифоски - Питу - живот во слики“

Во вторникот, на 7 октомври 2025 година, во изложбените простории на Музејот на РС Македонија, во топла и пријатна атмосфера беше отворена изложбата „Кузман Јосифоски - Питу - живот во слики“. Изложбата е дел од поширокиот проект „Кузман Јосифоски - Питу - животна приказна“, во чии рамки претходно беше промовирана истоимената публикација, наменета за образование и музејска едукација. Проектот, низ текст, фотографии и факсимили од документи го истражува и презентира животниот пат на револуционерот Кузман Јосифоски - Питу, како значајна личност од македонската национална и пошироката балканска антифашистичка историја. Освен музејско-изложбена, проектот има и образовна цел, да помогне во подобро разбирање на времето и околностите во кои живееле и делувале Кузман, најблиските другари и соборци од неговата генерација. Преку истакнување на позитивните особини од нивниот карактер и делото што го оставиле зад себе, денес, учениците и младите имаат можност да извлечат корисни животни поуки.

Изложбата официјално ја отвори историчарот Рубинчо Белчески, кустос-советник од НУ Завод и музеј - Прилеп. Ни беше особено задоволство што меѓу останатите гости, на отворањето присуствуваа и Кузман Јосифовски, внук од брат на херојот, со неговата внука, Марија Јосифовска. Самиот Кузман е син на Аспарух Јосифовски, еден од 15-мината учесници во нападот на бугарскиот полициски участак во Прилеп, на 11 октомври 1941 година. Настан кој го означува почетокот на народноослободителната и антифашистичката борба на Македонија, во Втората светска војна. Во предвечерието на одбележувањето на овој празник, ја користиме приликата да го честитаме 11 Октомври, Денот на востанието на Македонија и македонскиот народ.

Воедно, за сите заинтересирани, информираме дека Изложбата ќе биде отворена за индивидуални и групни посети, до крајот на овој месец.

Ве очекуваме!