Музеј на Македонија Logo

Јанаки Стрезов - учител, преродбеник и фолклорист

Јанаки Стрезов - учител, преродбеник и фолклорист

На денешен ден – 23 септември 1903 година починал Јанаки Стрезов (1818/1820 – 1903), охридски просветен деец, преродбеник и фолклорист. Како учител со повеќедецениски просветен стаж, тој бил еден од најдолгогодишните учители во Охрид. Својот живот го посветил на просветната и културната дејност и на ширењето на образованието меѓу населението.

Особено значајно е неговото собирање и запишување на народното творештво. Во 1855–1856 година запишал бројни народни песни со грчки букви, зачувувајќи вреден материјал од македонската фолклорна традиција.Неговите записи претставуваат значајно сведоштво за богатството на народната култура и за нејзиното зачувување во периодот на македонската преродба.

Во втората половина на 19. век, Стрезов бил активен и во црковно-просветните движења во Охрид. Со својата долгогодишна учителска, просветна и фолклористичка дејност оставил значајна трага во културната историја на Македонија. Во Музејот на Македонија се чуваат личните печати на Јанаки Стрезов, кои ги користел во неговата долга учителска дејност.