На денешен ден - 27 септември, според православниот календар, се одбележува Возвишението на Чесниот и Животворен Крст, помеѓу народот познат како Крстовден.
Крстовден-Празник кога се пости „за крс„ Постарите жени одат во црква. Таму попот раздава китки што ги чувааат „за здравје„ и за„ лек од уроци„ (Гласник на Етнолошкиот музеј; Скопје 1960 год) Крстовден доаѓа во периодот кога летото постепено ѝ отстапува место на есента. Во земјоделската традиција тоа е време на завршување на дел од полските работи, бербата и подготовката за есенскиот и зимскиот циклус. На тој ден во Скопско свештено лице читало молитви за богат род и ги пеело семињата за новата сеидба, за кога ќе почне сеењето, сејачот да фрли првин од благословеното семе, со уверување дека на тој начин ќе се повлијае за богат род. Во Скопско со Крствовден се означувал и почетокот на гроздоберот. (Речник на македонската нароидна митологија; Танас Вражановски; 2002 год.) Во традиционалната култура, големите празници не биле само денови посветени на црковното чествување. Тие биле ориентири во годишниот циклус, моменти кога човекот го препознавал менувањето на природата и го усогласувал своето секојдневие со ритамот на годината.