Музеј на Македонија Logo

На денешен ден (12 Август 1903г.)

На денешен ден (12 Август 1903г.)

На денешен ден (12 Август 1903 г.) се одиграла прочуената битка на Мечкин Камен, во одбрана на Крушевската Република, во која загинал славниот македонски револуционер војводата Питу Гули (Пито Вуле). Роден бил во 1865 година, во крушевско влашко семејство. Питу како војвода на чета станал член на крушевскиот востанички команден штаб. Неуморно и посветено работел и на непосредните подготовки и во дигањето на Илинденското востание. Во критичниот момент, пред налетот на турската војска кон слободното Крушево, Питу гневно го искажал својот став: „Кога бевме мажи градот да го превземеме со крв, тогај треба да бидеме мажи и да го одбраниме...‘‘ Овој став е согласно заклетвата при посветувањето во Македонската револуционерна организација и Востаничкиот дисциплински устав донесен на Смилевскиот конгрес. Под паролата „Слобода или смрт‘‘ неговиот одред на Мечкин Камен до последно херојски се борел против навлегувањето кон градот на војските на Бахтијар Паша. Положувајќи го животот за слободата на Македонија Питу Гули го врежа своето име во најсветлиот пантеон на Македонија.