НЕВЕСТИНСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА
Фазата на невестинството започнува од периодот на подготовка на невестата, обредното миење и чешлање на невестата, како и ритуалното облекување на невестинската руба. Обредното чешлање односно, расплетувањето и повторно плетењето на косата, сега како за невеста, го прават нејзините другарки или жени кои биле умешни во тоа.
Обредното облекување на невестинското руво, се изведувало во неделата утрото, пред да дојдат сватовите по невестата. Тогаш прв пат се облекува и венчалната кошула. Обредното облекување на невестата, симболички го означува и преминот- иницијација од девојка во невеста, односно преминот во новиот животен циклус. Невестинството означува и разделба од родителите и домот и присоединување кон новото семејство. Периодот на траење на невестинството, како статус, не бил строго определен. Најчесто траел од една до три години, односно до раѓањето на првото дете. Крајот на невестинството се карактеризира со целосно напуштање на венчалната кошула, која понатаму се чувала за на оној свет, за и таму да се препознаат и најдат со момчето.