Први мај, како Меѓународен ден на трудот, се одбележува од крајот на 19.век. Овој датум е одбран во чест на масовните демонстрации во Чикаго, одржани во 1886 година. Денес, како државен празник, денот се одбележува во повеќе од 80 земји во светот, меѓу кои скоро сите земји од Европа, вклучително и во РС Македонија. Интересно е што во САД, земјата каде што се одржале оригиналните демонстрации, 1 Мај не се одбележува. Наместо тоа, како ден на трудот е определен првиот понеделник во септември.
Во Македонија, првите документирани сведоштва за одбележувањето на 1 Мај датираат од крајот на османлискиот период, поточно во годините по Младотурската револуција од 1908 година.
Во периодот меѓу двете светски војни, прославувањето главно се одвивало во форма на организирани собири и излети во природа. Ваквите настани најчесто биле организирани од страна на илегалната Комунистичката партија и дел од синдикатите. На нив се собирале партиски членови и симпатизери, но и останати напредни младинци и граѓани.
Во годините на социјалистичката изградба, празникот 1 Мај имал посебно значење. Истиот се одбележувал преку масовни паради и свечености, на кои се држеле политички говори. Освен 1 Мај, неработен ден бил и 2 Мај. Посебна карактеристика од овој период се и популарните излети во природа, проследени со подготвување скара и целодневни семејни забави и дружења.
Традицијата на организирање првомајски излети се задржува и денес. Сепак, во последните години, по примерот на повеќето европски земји, и во Македонија се забележува враќање кон изворните форми на прославување на празникот, преку организирање синдикални маршеви и протести. Под водство на синдикатите, на овој ден работниците и останатите граѓани го креваат својот глас, со цел подобрување на работничките права и достоинствено вреднување на трудот.