Ве покануваме на отворањето на изложбата „Вода: Од исконски верувања до современ пулс“ на 18 мај 2026 година, со почеток во 13:00 часот. Преку Археологијата, етнологијата и уметноста ве водиме на патување низ времето и културите, каде што водата е повеќе од елемент – таа е сведок, инспирација и сила. Видете ја водата не само како течност, туку како огледало на сè што сме биле и на сè што ќе бидеме. НУ Музеј на РС Македонија – Скопје ја реализира оваа изложба во соработка со НУ Археолошки Музеј на РС Македонија – Скопје и НУ Музеј Д-р Никола Незлобински – Струга. Автор на изложбата е Јован Шурбаноски а коавтор Александра Папазовска.
„Вода: Од исконски верувања до современ пулс“ е приказна која што низ призмата на археологијата, етнологијата и уметноста ни овозможува да ги следиме патиштата каде што водата се преобразува од биолошка неопходност во духовен медиум. Приказна за тоа како водата го оформува идентитетот на заедниците низ историјата, градејќи занаети кои ја скротуваат природата, усовршувајќи го движењето низ спортот и трансформирајќи ја моќта на водата во политичка доминација. Приказна која ви дава можност да го препознаете сопствениот одраз во синиот отпечаток на вечноста – таму каде што секоја капка е сведок на една историја, а секој бран е најава за нов цивилизациски подем.