Вратите на Етно село повторно отворени, минатото повторно оживеано низ традицијата. Вчера во комплексот Македонско село, с.Нерези, се отвори нова етнолошка поставка каде се изложени традиционални носии, дрвени и метални покуќински предмети, ткаеници од повеќе региони во Македонија со кои се презентира нашето културно наследство. Со предметите кои се изложени се претставени основните елементи на естетиката и општествениот статус на Македонскиот народ. Преку автентичните експонати и визуелните реконструкции, посетителите ќе имаат можност да ја доживеат уникатната историја преку симболиката на традиционалниот вез на носиите и ткаениците и занаетчиската генијалност. Вредно е да се напомене дека позади поголемиот дел на изработките на овие ремек дела стои жената како универзален столб на едно традиционално семејство, како и вештите раце на занаетчиите, како творци на уникатни предмети, металните покуќински предмети, како и дрвената столарија како неизоставен елемент во секоја куќа. Поставката е резултат на исклучително посветена работа на стручните лица и вработените од различни одделенија во НУ Музеј на Македонија, но и на самите луѓе од нашите градови и села од различни региони, кои некогаш со срце ги отворале своите домови и ни довериле дел од своето наследство.
Нека ова место биде инспирација за новите генерации со гордост да ја негуваат и носат традицијата понатаму.