Музеј на Македонија Logo

Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје

Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје

  

 Во втората половина на дваесеттиот век, значително се менува улогата на жената во македонското   општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот  прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за „машки“.

Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитектки рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор.

Жените архитектки даваат значаен придонес кон архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Периодот на 60-тите, 70-тите и раните 80-тите години е време на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други.

Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по нивното враќање во Скопје имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти.

Инспирирани од интензивната дебата која се води на глобално ниво за улогата на жената во општеството, а соодветно и во професијата, Macedonian Women Architects си дадоа за цел да ја истражат, документираат, проучат и промовираат улогата и делата на овие извонредни жени од практиката – планерки, архитектки и дизајнерки; да доведе кон подобро разбирање, поголема видливост и вреднување на архмузејот итектонското и културното наследство кое тие го оставиле на идните генерации. 

Изложбата "Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје" е дел од едногодишниот проект „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ на Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата и истиот е финансиран од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија. #CHinMK

Изложбата ќе биде отворена за посета до 23 март, 2022 година.